Шукова: Проектот БРТ е единственото решение за јавниот превоз во Скопје

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, смета дека проектот БРТ (Bus Rapid Transit) е единственото функционално и одржливо решение за деценискиот проблем со јавниот превоз во главниот град. Во гостување на Сител телевизија, Шукова нагласи дека проектот мора да се реализира бидејќи е брз, ефикасен, а средствата се веќе обезбедени од Европската банка за обнова и развој.

​Според неа, БРТ претставува и еколошко и безбедно решение за транспорт. Шукова најави дека првата фаза од линијата, која ќе се движи од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и Аеродром, е целосно подготвена за реализација, а се очекува да биде завршена во рок од 2,5 до 3 години по распишувањето на тендерот.

​Визија за подобар квалитет на живот

​Покрај транспортот, Шукова во својата програма ја истакна и потребата од подобрување на комуналните услуги. Таа се залага за редовно одржување на јавната чистота, донесување на закон за комунална полиција и уредување на претоварната станица Вардариште.

​Кандидатката на СДСМ потсети дека проектот „Смарт Сити“ е реализиран само делумно, во областа на јавното осветлување, додека останатите бенефити од дигитализацијата допрва треба да се имплементираат.