Ексминистерот на Украина, Кулеба, го поддржа Бујар Османи во трката за градоначалник на Чаир

Поранешниот министер за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, испрати силна видео порака со поддршка за Бујар Османи и неговата кандидатура за градоначалник на Чаир. Во пораката, Кулеба изрази благодарност до македонскиот народ за поддршката кон Украина за време на руската инвазија, а посебен акцент стави на улогата на Османи.

​„Ние, Украинците, сме ви благодарни за вашата поддршка. Засекогаш ќе се сеќаваме со благодарност што во изминатите три години вашата горда нација застана покрај Украина“, рече Кулеба, нагласувајќи дека Македонија и нејзините институции покажале вистинска солидарност во најтешките моменти.

​Кулеба лично се осврна на Османи, опишувајќи го како свој пријател и посветен политичар.

​„Бујар Османи е мој пријател кој ја водеше вашата дипломатија и го предводеше ОБСЕ за време на македонското претседавање. Тој е познат политичар и сум сигурен дека го почитувате исто толку колку што и јас го почитувам“, истакна поранешниот украински министер.

​Тој изрази цврста поддршка за кандидатурата на Османи, оценувајќи го како исклучително посветен и чесен човек, кој „ја сака Македонија, ве сака вас, ги сака вашите градови и села“. Кулеба додаде дека искуството и меѓународната мрежа на контакти на Османи се непроценлив ресурс за локалната самоуправа што сака да напредува и да ги искористи европските фондови.