Публиката во Скопје ќе има уникатна можност за прв пат да го слушне „No Borders Orchestra“, ансамбл составен од врвни професионални музичари од поранешна Југославија. Концертот ќе се одржи во петок, на 5 септември, во Камерната сала на Македонската филхармонија.
Програмата, како што најавува уметничкиот директор Премил Петровиќ, ќе вклучува најубави дела напишани за гудачки оркестар, кои зрачат со „експлозија на страст собрана околу темите Љубов и Смрт“. Публиката ќе може да ужива во Adagietto од Малер, Verklärte Nacht од Шенберг и Metamorphosis од Штраус.
Покрај делата на класиците, на програмата ќе се најдат и композиции од најважните помлади регионални композитори, меѓу кои и Дарија Андовска од Северна Македонија. Делата на Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Бранимир Винце (Хрватска) и Марко Никодијевиќ (Србија) се напишани специјално за овој проект и ги тематизираат кризата и потребата за трансформација во нашето време.
Социјалната мисија на „No Borders Orchestra“ е да ги охрабри и промовира позитивните општествени промени, соработката и толеранцијата во регионот, комуницирајќи со публиката на иновативен и емотивен начин.