По повод неодамнешните обвинувања за масовно прислушување, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија изјави дека нема никаква можност за незаконско следење на комуникациите.
Во соопштението, Јавното обвинителство појаснува дека единствената улога на оваа институција во процесот е да ги проследи законски заснованите барања на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) до Врховниот суд. Врховниот суд, потоа, е тој што издава соодветна наредба за реализација на мерките.
„Согласно законот за следење на комуникациите, наредба за посебни истражни мерки може да се издаде само за кривични дела строго предвидени во самиот закон“, велат од Обвинителството.
Отворен предмет за прислушувањето на премиерот
Во врска со претходните наводи за следење на премиерот Христијан Мицкоски, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе формирало предмет, по насоки на јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Во рамките на овој предмет се преземаат дејствија за детална проверка на наводите.
Од Обвинителството додаваат дека и наводите од последните известувања од АНБ, исто така, детално ќе бидат испитани.