Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска на собраниска седница ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за ново задолжување од 15 милиони евра. Според неа, парите се наменети за проект кој е веќе реализиран 94,3%, што го прави задолжувањето „небулозно“.
Лукаревска потсети дека проектот, со вкупна вредност од 21,5 милиони евра, бил донесен уште во 2020 година, со поддршка на тогашното мнозинство на СДСМ.
„Истите тие кои денес седат во Владата, тогаш го критикуваа. Неосновано. Обвинуваа за ‘душманско трошење’… А сега е исто, само износот на којшто треба да се задолжиме е различен“, истакна Лукаревска.
Според пратеничката, новото законско решение за задолжување се носи без присуство на претставник од Министерството за образование. Таа нагласи дека се задржани истите четири компоненти од првичното решение, вклучително и обуките и консултантите, токму она што ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше додека беше во опозиција.
„Што е сменето? Ништо. Освен што сега трошат уште 15 милиони евра. И ова се прави пред избори за да можат градоначалниците да се пофалат со поддршка од централната власт. Замислете, денес е втори септември, изборите се на 19 октомври“, изјави Лукаревска, оценувајќи дека ова задолжување е политичка злоупотреба без економска логика и отчетност.
Лукаревска заклучи со забелешка за двојните стандарди на Владата: „Ако нешто се критикуваше претходно од опозицијата, што е сменето сега за да се поддржи кога сте власт? Веројатно овде ќе важи и она правило: Не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам“.