По изјавата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, дека Црна Гора и Албанија би можеле да станат членки на ЕУ до 2028, односно 2029 година, поранешниот политичар Андреј Жерновски остро реагираше, велејќи дека ова директно ја демонтира стратегијата на македонската влада.
Жерновски, истакнувајќи дека владата со континуитет од 15 месеци ја води државата, напиша дека наместо да ја приближи Македонија кон Европската Унија, актуелното раководство, предводено од премиерот Мицкоски и министерот Муцунски, ја убедува јавноста дека процесот е блокиран.
Зад маската на „теоријата на заговор“
„Поради немање желба и капацитет да ја приближи Македонија до ЕУ, гласниот Мицкоски и безгласниот Муцунски позади завеса ја уверуваат домашната јавност дека процесот на проширување на ЕУ е блокиран и дека по тој пат веќе не вреди да се оди“, изјави Жерновски.
Тој смета дека оваа теза се сервира со „дежурната обланда“ дека никој не нѐ сака и дека сме жртви на разни „конспирации“.
Според Жерновски, додека македонското раководство ја шири оваа приказна, другите држави од регионот брзо напредуваат кон Брисел. Тој заклучи дека единствени жртви на оваа политика се граѓаните на Македонија и дека колку побрзо тоа го сфатат, толку побрзо ќе успеат да го фатат приклучокот за ЕУ.