Шукова предлага итни мерки за Вардариште: 24-часовен надзор и забрана за влез

Кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, денеска одржа прес-конференција пред депонијата Вардариште, нагласувајќи дека над 150.000 жители од општините Аеродром и Гази Баба секојдневно се гушат од загадување.

​Шукова најави три итни мерки за запирање на еколошката катастрофа:

  • ​24-часовен надзор на депонијата.
  • ​Целосно оградување на локацијата.
  • ​Забрана за влез на сите лица, освен за вработените од „Комунална хигиена“.

​Целта е да се спречи палењето на отпад и да се заштити здравјето на граѓаните.

​Освен итните мерки, Шукова понуди и системско решение за справување со отпадот во пет чекори:

  • ​Интервентна мерка: итно оградување и физичка контрола на Вардариште.
  • ​Современ проект: изградба на нова претоварна станица и санација на контаминираната локација.
  • ​Системско управување: воведување на целосен тек на отпадот, со задолжителна селекција.
  • ​Обнова на механизацијата: целосна замена на амортизираната механизација.
  • ​Постојана контрола: надзор и мониторинг за да се обезбедат највисоки еколошки стандарди.

​Шукова остро го критикуваше противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓоргиевски, за неговото ветување дека Вардариште ќе го претвори во парк. Таа објасни дека такво нешто е невозможно поради неколку причини:

​Во тек е арбитражна постапка во Париз за проектот „Скопски колектор“ кој минува низ локацијата.

​Уште во 2017 година, со поддршка од ЕУ, е изработена документација која предвидува претоварна станица, а не парк.

​Во моментов е во тек јавна набавка за целиот регионален систем за управување со отпад.

​Според Шукова, ветувањето за парк е свесна манипулација или доказ за елементарно непознавање на проблематиката, додека нејзините предлози се вистински и системски одговор на проблемот.