Словачкиот премиер Фицо ќе му пренесе пораки од Путин на Зеленски

Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека по едночасовната средба со рускиот претседател Владимир Путин во Кина, имал „неколку заклучоци и пораки“ што планира да му ги пренесе на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

​Фицо истакна дека на состанокот со Путин главно се разговарало за војната во Украина. Рускиот претседател го информирал Фицо за разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска, како и за „перспективите за завршување“ на конфликтот.

​„Извлеков неколку заклучоци и пораки од овој важен разговор што имам намера да му ги пренесам на украинскиот претседател Зеленски в петок“, нагласи Фицо, додавајќи дека очекува и бројни повици од други европски лидери.

​Фицо, кој се врати на функцијата во 2023 година, ја прекина воената помош за Украина од словачките резерви и ги доведе во прашање европските санкции кон Русија. Тој во минатото вети дека ќе го блокира влезот на Украина во НАТО, за што е потребна согласност од сите членки.

​Додека односите меѓу Братислава и Москва се продлабочуваат, европските сојузници продолжуваат да ги критикуваат Фицо и унгарскиот премиер Виктор Орбан за нивниот пристап кон Русија. Последниот состанок меѓу Путин и Фицо беше во Москва во мај, за време на прославите на Денот на победата.