Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ влезе во нова битка, овојпат против безбедносниот апарат. Обвинувањата се сериозни, а тезата на владејачката партија е дека биле жртва на масовно прислушување и политички прогон од страна на претходната власт. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ ја злоупотребила Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност за да го следи претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, но и новинари и бизнисмени.
Од друга страна, СДСМ преку својот лидер Венко Филипче, ги нарекува овие обвинувања „нов неуспешен обид за манипулација“ и бара итна декласификација на целата документација. Според СДСМ, само со целосна транспарентност, јавноста ќе може да процени кој ја злоупотребил функцијата.
Во овој наводно голем скандал, кој се презентира како државен удар, ВМРО-ДПМНЕ селективно објавува информации и обвинува без да понуди конкретни докази кои ќе ги поткрепат нивните тврдења. Наместо да ги декласифицираат документите, тие играат со нецелосни информации и со имиња на поранешни раководители на институциите, со што креираат атмосфера на сомнеж и несигурност.
Оваа стратегија е препознатлива и веќе видена. Наместо решавање на суштинските проблеми со кои се соочуваат граѓаните, Владата се обидува да го пренасочи вниманието кон „афери“ кои служат само за дневно-политички цели. Сега, кога се во позиција да ги објават сите документи и да докажат дека се во право, владејачката партија се крие зад параваните на државната тајна.
Ова однесување го поставува прашањето: Ако имате докази, зошто не ги покажете?
Наместо да се крие зад манипулации, ВМРО-ДПМНЕ треба да постапи одговорно и да ги декласифицира документите. Тоа е единствениот начин да се стави крај на шпекулациите и да се докаже дали нивните обвинувања се вистинити. Во спротивно, се потврдуваат зборовите на СДСМ дека се работи за уште еден неуспешен обид за манипулација и за потрошена стратегија од минатото.
Време е за одговорност, не за политиканство.
Пишува: Пикасо