ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Центар доби модерна медијатека

Учениците од општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“ од оваа учебна година ќе користат современа медијатека, која претставува голем чекор кон дигитализација на наставата. Медијатеката е опремена со специјален софтвер кој им овозможува на учениците лесно да пристапуваат до литература, да резервираат книги преку е-пошта и да добиваат потсетници за враќање на позајмените книги.

​Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој утрово го посети училиштето, нагласи дека ова е одличен пример за тоа како училиштата треба да се модернизираат.

​„Верувам дека ова катче ќе стане омилено место за стекнување знаење и инспирација кај учениците“, рече Герасимовски.

​Тој потсети дека ова училиште беше прво во државата што ги забрани мобилните телефони за време на наставата, што претставуваше поттик за истата мерка да се воведе и во останатите седум училишта во Општина Центар.

​Благодарение на новиот софтвер, библиотекарот и наставниците ќе имаат постојан увид во достапноста на насловите, евиденцијата на учебници и користењето на ресурсите, што значително го олеснува наставниот процес.