Мицкоски: Започна изградбата на нов „Лидл“ во Аеродром, инвестицијата била заглавена 15 месеци

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека започнала изградбата на нов продажен маркет на „Лидл“ во општина Аеродром. Според него, ова е уште една потврда дека Македонија е атрактивна дестинација за инвеститорите.

​Новиот објект ќе се простира на површина од 3.438 квадратни метри, со продажен салон од 1.200 квадратни метри и 57 паркинг места.

​Мицкоски истакна дека инвестицијата била оддолжувана и заглавена, но по доаѓањето на сегашната Влада, се почнало веднаш со работа.

​Поддршка за македонските производители

​Премиерот нагласи дека раководството на „Лидл“ ја прифатило нивната забелешка за зголемување на застапеноста на домашни производи на полиците.

​„Очекуваме оваа година, во неформален разговор со менаџментот на „Лидл“, таа бројка да достигне и 10 милиони евра и со време таа бројка да расте. Тоа треба да биде инспирација, поттик и мотив за македонските претприемачи да ги задоволат стандардите на ‘Лидл’“, рече Мицкоски.

​Тој додаде дека македонски производи веќе се наоѓаат на полиците на „Лидл“ во соседните земји и дека компанијата ќе им даде можност на квалитетни македонски производи да се пласираат на пазарите каде што има потреба од нив.