Судење за „Родителска попустливост“: Таткото на Васил Јованов не се чувствува виновен

Пред Основниот кривичен суд во Скопје, Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов, кој е обвинет за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“, изјави дека не се чувствува виновен и не разбира што точно му се става на товар.

​Обвинението против Јованов, офицер на Армијата, е правен преседан во земјава, бидејќи го товари таткото за делото на неговиот полнолетен син, кој усмрти пешак додека возел без дозвола и под дејство на алкохол.

​Обвинителството: Родителската попустливост придонела за инцидентот

​Обвинителот Александар Марковски тврди дека Зоран Јованов преку „несреќна пропустливост“ како родител придонел за создавање на опасната состојба.

​„Факт е дека обвинетиот не доаѓал претходно во судир со законот и е офицер за пример во македонската Армија, но, тука не сме за да ја цениме и судиме неговата професионалност, туку тоа што тој требало да го направи, или не требало, како родител“, рече Марковски.

​Адвокатот на обвинетиот: „Правен преседан“

​Адвокатот на Јованов, Сашко Дуковски, го оцени обвинението како правно неосновано и најави дека ќе бара детално образложение за секој поднесен доказ.

​На почетокот на рочиштето, таткото на жртвата, Тодор Кулаков, упати прашања кон судечкиот совет, барајќи судијката Снежана Марковска да се изземе од предметот. Тој беше отстранет од судницата, а адвокатот Дуковски реагираше дека ќе го напушти судењето доколку се повтори ваков инцидент.

​Обвинението против Зоран Јованов беше изменето врз основа на новоприбавени докази, а неговиот син Васил Јованов, кој го предизвика инцидентот, веќе е обвинет.