Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во соопштение до јавноста бара итна декласификација на целата документација на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), поврзана со наводната афера за прислушување на премиерот Христијан Мицкоски.
Од партијата го демантираат тврдењето дека декласификацијата може да се случи само преку судска постапка, велејќи дека тоа е „алиби, параван зад кој се крие вистинската намера на власта“.
„Власта да не бега од вистината“
СДСМ се повикува на Законот за класифицирани информации, нагласувајќи дека „тој што класифицира, тој и декласифицира“, што значи дека АНБ треба веднаш да ја спроведе постапката.
„Не може да се фрлаат обвинувања во јавноста без ниту еден доказ, без факти. Ваквото однесување ја поткопува довербата во тоа што го кажува власта, фрла сериозни сомнежи за намерна манипулација опасна игра на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.
СДСМ посочува на контрадикторноста помеѓу изјавите на премиерот Мицкоски, кој тврди дека бил прислушуван, и директорот на АНБ, Виктор Христовски, кој вели дека станува збор за прибирање информации за таргетирани лица. Според партијата, некој свесно лаже.
„Само преку декласификација јавноста ќе ја увиди реалноста, дали и кој правел злоупотреби. Ако не се направи декласификација власта ќе потврди дека целиот случај е креиран заради политички мотиви и злоупотреба на агенцијата во партиски цели на ВМРО-ДПМНЕ“, заклучуваат од СДСМ.