Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР денеска официјално започнува со мониторинг на локалните избори во Северна Македонија. Вчера, Државната изборна комисија (ДИК) едногласно ги акредитираше првите 14 интернационални набљудувачи.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изјави дека првата официјална средба со претставниците на набљудувачката мисија ќе се одржи денеска, со што и формално ќе почне нивната работа. Набљудувачите ќе бидат во постојана комуникација со ДИК и ќе присуствуваат на сите јавни седници.
На вчерашната седница, членовите на ДИК усвоија измени на одлуката за регистарот на медиуми и интернет-портали кои ќе ги покриваат изборите. Исто така, беа разгледани и одобрени 34 барања за исклучување на претседатели, заменици и членови на Општинските изборни комисии, а на нивно место беа именувани нови лица.
Првиот круг од локалните избори е закажан за 19 октомври, а вториот круг за 2 ноември.