„Весна Турс“ и Марија Соколоска донираат бесплатен одмор за децата погодени од пожарот во Кочани

Агенцијата „Весна Турс“ од Скопје и Марија Соколоска објавија хуманитарна понуда за децата кои беа најпогодени од пожарот во Кочани. Како што објави Соколоска на својот Фејсбук-профил, таа и нејзината мајка, сопственичка на агенцијата, организираат бесплатен одмор за 20 деца во Грција.

​Во писмото упатено до директорката на Општата болница во Кочани, д-р Катерина Паник, тие соопштуваат дека одморот ќе се реализира во периодот од 21 до 28 септември 2025 година во Аспровалта и Неа Врасна.

Детали за понудата

​Хуманитарната понуда вклучува:

  • ​Бесплатен превоз
  • ​Бесплатно сместување во апартмани и приватни куќи од Б категорија, лоцирани на 50 до 150 метри од плажа.
  • ​Здравствено осигурување за целиот престој.

​Сместувањето ќе биде во студија со два, три и четири кревети, кои имаат сопствен балкон, кујна и тоалет. Соколоска и Филипова истакнуваат дека храната и другите дополнителни трошоци ќе бидат на сметка на корисниците.

​Пријавувањето се врши во „Супорт Кочани“ и кај директорката на болницата, а крајниот рок е 10 септември 2025 година. Со овој гест, Марија Соколоска, која самата како бебе преживеала изгореници, сака да им пружи надеж и поддршка на децата кои поминале низ слична трагедија.