На денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, ја обвини власта и премиерот Христијан Мицкоски за одбивање да ги декласифицираат документите поврзани со наводното следење на Мицкоски од страна на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Кузеска постави серија прашања до Мицкоски и директорот на АНБ, Бојан Христовски, зошто не ја започнале процедурата за декласификација, која би ги разрешила сите сомнежи.
Обвинувања за „Делчевски ниви“
СДСМ се сомнева дека одбивањето на декласификацијата е поради страв дека документите ќе ги потврдат индициите за „милионски криминал“ во случајот со т.н. „Делчевски ниви“.
Партијата потсети дека во овој случај биле инволвирани најблиските соработници на Мицкоски, вклучувајќи членови на неговото лично обезбедување и тогашниот директор на Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
Кузеска праша дали документите кријат докази дека токму Мицкоски е шеф на „организирана криминална група“ и дали има индиции за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Според СДСМ, одбивањето на декласификацијата ќе биде доказ дека „Мицкоски како тогаш, така и денес, не може да излезе од криминалната матрица“.