Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска излезе со обвинување за, како што го нарекуваат, „невиден скандал“ поврзан со доделувањето на државната награда „8 Септември“. Партијата тврди дека доделувањето на наградите е загрозено од судир на интереси и дискриминација, со што се крши Охридскиот договор.
Според соопштението, Комисијата за доделување на наградата, формирана од претседателот на Собранието Африм Гаши, е составена од 11 Македонци и само 1 Албанец. Најголемата загриженост на ДУИ е што единствениот Албанец во комисијата, Хамид Бакија, наводно, си ја доделил наградата самиот на себе, наместо да предложи друг албански спортист.
„Срам и неправда“
ДУИ го нарекува ова „срам и чиста неправда“, нагласувајќи дека станува збор за апсурдна и навредлива ситуација за албанските спортисти кои со децении придонесуваат за македонскиот спорт. Партијата потсетува дека минатата година имало сличен случај кога член на комисија сам на себе си доделил награда, а случајот останал во тишина.
Од ДУИ најавија дека овој случај веднаш ќе биде пријавен до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи претставува „флагрантен судир на интереси и отворена дискриминација“.
Партијата порача дека спортот треба да обединува, а не да дели, и дека принципите на еднаквост и правдата од Охридскиот договор мора да се почитуваат во секоја институција и област на животот.