Обвинителскиот тим што го води предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ денеска поднесе Обвинителен акт против уште едно лице, сопственик на агенција за обезбедување, за „Тешки дела против општата сигурност“. Ова е второ обвинение, по првото кое веќе е поднесено против други одговорни лица.
Според Обвинителството, новиот обвинет, како реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити Солушн“, не постапил според прописите и техничките правила за безбедност, што довело до голема опасност. Поради овие пропусти, на 16 март 2025 година во дискотеката, за време на настап на музичката група ДНК, настанал пожар.
Во трагедијата животот го загубија 62 лица, 157 се здобија со тешки телесни повреди, а 65 со телесни повреди.
Обвинителството наведува дека агенцијата, иако имала сопственичка одговорност, не презела мерки за спречување на штетни дејства и работела без писмен договор со дискотеката. На критичниот ден, тројца вработени со лиценца и едно лице без лиценца за обезбедување биле ангажирани без да се направи безбедносна проценка на објектот, особено во услови на преполн капацитет.
Покрај тоа, не била извршена проверка на идентитетот и возраста на лицата при влез, со што им било дозволено на малолетници да бидат присутни во објектот по полноќ. Исто така, не било извршено прегледување на гостите, со што не се спречило внесувањето на пиротехнички средства, кои се сметаат за причина за пожарот.
Обвинителството, врз основа на докази од истрагата, заклучило дека сега обвинетиот имал главна улога и давал директни инструкции на вработените. По пожарот, тој презел чекори за формирање на ново правно лице со иста дејност, со цел да продолжи со работа. Поради ова, Обвинителството достави предлог до Судот за продолжување на мерките куќен притвор и забрани за обвинетиот.