СВР Битола го расчисти настанот од 28 август, кога на улицата „Широк сокак“ била одземена маица на лице од Шведска со престој во Дебар. По преземени мерки и активности, полицијата идентификуваше и изврши разговор со петмина сторители – четворица на возраст од 17 години и еден 14-годишник, сите од Битола.
Осомничените го признале делото, а во нивните домови биле извршени претреси со судска наредба.
Жртвата, С.Х.Д. (32), пријавил дека лицата му пришле и насилно се обиделе да му ја соблечат маицата на која имало исцртано глава на орел. Откако сфатил дека не може да се одбрани, тој сам ја соблекол и им ја дал маицата.
По целосно документирање на случајот, против петте лица ќе биде поднесена кривична пријава за „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, според член 319 од Кривичниот законик.