Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, заедно со раководството на министерството и полицијата, го одбележаа 7 септември – Меѓународниот ден на полициската соработка. Овој ден, воспоставен со резолуција на Обединетите нации во 2022 година, има за цел да ја истакне важноста на заедничката работа, глобалната соработка и размената на информации меѓу службите.
Министерот Тошковски истакна дека современите закани како организиран криминал, тероризам, кибер-криминал и нелегална трговија не познаваат граници и бараат координирано делување.
„Нашата полиција работи рамо до рамо со партнерските служби во регионот, Европа и пошироко, придонесува со размена на информации, учество во заеднички акции и заеднички анализи“, изјави Тошковски, потенцирајќи дека со тоа се зајакнува сопствената безбедност и се афирмира улогата на Македонија како сигурен и кредибилен партнер на меѓународната сцена.
На крајот, министерот нагласи дека сигурноста на граѓаните зависи од подготвеноста на полицијата да соработува, споделува и дејствува заедно.