​Полициска бруталност во Нови Сад: Повредени десетици демонстранти, Вучиќ ги брани полицајците и го напаѓа ЕУ

Полицијата во опрема за немири, користејќи шок-бомби и солзавец, насилно ги растера демонстрантите на кампусот на Универзитетот во Нови Сад, на собирот организиран од студентите. Десетици луѓе се повредени.

​Полициската интервенција уследи откако неколку илјади граѓани од цела Војводина и Белград се собраа пред Филозофскиот факултет, барајќи полицијата да го напушти кампусот. Протестот беше одговор на полициската бруталност и кршењето на автономијата на универзитетот.

​Српскиот претседател, Александар Вучиќ, во своето обраќање од командниот центар на МВР, изјави дека полицијата постапила професионално. Тој тврди дека биле повредени 11 полицајци, кои биле нападнати пред факултетот.

​„Важно е дека ќе ја зачуваме безбедноста и стабилноста на Србија“, рече Вучиќ, додавајќи дека досега се уапсени неколку лица и дека ќе има уште десетици апсења.

​Тој ги нарече „обични кукавици“ и „бедници“ сите оние што ја напаѓаат полицијата.

​Во друг дел од своето обраќање, Вучиќ директно навреди дел од пратениците на Европскиот парламент кои дојдоа на протестот за поддршка на студентите, нарекувајќи ги „ѓубриња“.

​„Среќен сум поради тоа, ќе се бориме за слободата на нашиот народ и држава затоа што немаме ништо поважно од тоа. А оние што дојдоа однадвор да ја уништат Србија мора да знаат дека ќе им се спротивставиме повеќе од кога било“, изјави Вучиќ.

​Тој најави и голем собир на 20 септември, на кој, како што рече, „ќе ја видите силата на српската земја“.

​На протестот во Нови Сад присуствуваше и делегација на Европските зелени, меѓу кои и Расмус Нордквист од Данска и Вула Цеци од Грција, кои дојдоа на покана на Зелено-левичарскиот фронт.