СДСМ: Дали Мицкоски за торби пари ги продавал државните интереси?

Потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, на денешната прес-конференција го обвини премиерот Христијан Мицкоски и директорот на АНБ, Бојан Христовски, дека одбиваат да ја декласифицираат документацијата која би требало да го потврди случајот со наводното следење на Мицкоски.

​Илиевски наведе дека власта не само што нема храброст да ги декласифицира документите, туку и активно ја саботира работата на надзорната собраниска комисија за работата на АНБ и АР. Тој нагласи дека вчерашната седница на комисијата била мистериозно откажана, иако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ претходно инсистирале на итност.

​Потпретседателот на СДСМ постави неколку прашања, упатени до Мицкоски:

​Дали се плаши од содржината на документите кои би можеле да ги покажат неговите врски со странски служби од непријателски држави?

​Дали е точно дека оперативната обработка била во врска со откривање на руски агентурни мрежи, екстремизам и финансирање на дестабилизација на државата?

​Дали е точно дека Мицкоски „влетал во комуникација со лица кои имаат за цел да ја дестабилизираат државата, а биле финансирани од странски пари“?

​Дали дел од овие пари завршиле кај Мицкоски или во сефовите на ВМРО-ДПМНЕ?

​Илиевски ја повика власта веднаш да ја декласифицира документацијата, бидејќи, како што рече, „македонската јавност заслужува да ја знае вистината“.