​Меџити најави субвенции за електрични такси-возила

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, најави дека државата ќе субвенционира купување на 200 електрични такси-возила како дел од напорите за намалување на загадувањето.

​На работна средба со Унијата на здруженија на таксисти, Меџити истакна дека новите електрични возила се со високи еколошки стандарди, без штетни емисии и бучава. Целта е тие постепено да ги заменат постоечките такси-автомобили на дизел, бензин и гас.

​Вкупната инвестиција е проценета на 5,6 милиони евра, со просечна цена од 28.000 евра по возило. Министерството ќе субвенционира 15% од сумата, односно околу 840.000 евра.

​Според експертите, оваа иницијатива ќе го намали загадувањето со јаглерод диоксид за над 2.700 тони годишно, што е еквивалентно на садење над 120.000 садници.

​Меџити потсети и на други еколошки иницијативи, како што се воведувањето на систем за споделување возила со 100 електрични автомобили, електрични тротинети и велосипеди, донацијата на 6 електрични автобуси за Град Скопје, како и засадувањето на десетици илјади садници.