Украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично ја отфрли идејата на рускиот лидер Владимир Путин за билатерална средба во Москва, јави Укринформ, повикувајќи се на интервју за Еј-Би-Си Њуз.
„Тој може да дојде во Киев. Не можам да одам во Москва кога мојата земја е под ракетни напади, под напади секој ден. Не можам да одам во главниот град на овој терорист“, истакна Зеленски.
Според украинскиот претседател, предлогот на Путин е повеќе обид за одложување на средбата отколку искрен повик за дијалог. Сепак, тој е подготвен да се сретне во која било форма, под услов средбата да не ја загрозува Украина.
Зеленски додаде дека Путин „си игра со САД“, навестувајќи дека предлогот е дипломатска игра.
Претходно, Путин изјави дека е подготвен да се сретне со Зеленски и дека Москва е најдобро место за можна средба.