Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска го повика кандидатот за градоначалник на Чаир од ДУИ, Бујар Османи, на јавна дебата за да се разјаснат сите прашања пред граѓаните.
Меџити, кој е кандидат за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВРЕДИ, одговараше на прашање за изјавата на Османи дека сака да дебатира со премиерот Христијан Мицкоски.
„Мислам дека самиот г-дин Османи знае дека лаже. Го поканувам јавно да се соочиме каде сака тој, на која било телевизија и кога сака, нека избере тој“, рече Меџити по презентацијата на проектот за субвенционирање електрични возила за таксисти.
Меџити додаде дека Османи не треба да го повикува Мицкоски на дебата, бидејќи и двајцата се кандидираат за градоначалници, а не за премиер. „Кога Бујар ќе се кандидира за премиер, може да повика на дебата и дуел со Мицкоски. Сега излезе за Чаир и нека одлучи каде и кога сака да ги разјасниме сите дилеми“, изјави Меџити.
Тој го повика Османи да дебатираат за тоа што е направено во Чаир и што ќе се прави во иднина. Османи претходно изјави дека не сака да дебатира со „посредници“, туку со Мицкоски, тврдејќи дека премиерот стои зад проектот ВРЕДИ и е одговорен за блокирањето на ЕУ-интеграциите, анулирањето на Охридскиот рамковен договор и влошувањето на меѓуетничките односи.