Илјадници верници денеска се собраа на плоштадот Свети Петар во Ватикан за да ја проследат долгоочекуваната канонизација на италијанскиот тинејџер Карло Акутис, првиот светец од милениумската генерација. Церемонијата ја предводеше новиот папа, Лео XIV, и се пренесуваше во живо до Асизи, каде што се наоѓа стаклениот ковчег со телото на младиот светец.
Карло Акутис почина од леукемија во 2006 година, на само 15-годишна возраст. Уште од најмала возраст, тој бил посветен на верата и ги користел своите компјутерски вештини за да ја шири, поради што е познат како „Божји инфлуенсер“.
Две чуда припишани на Акутис
Акутис беше прогласен за блажен во 2020 година, а потоа и за светец благодарение на две чуда што му се припишуваат:
Во 2013 година, едно бразилско момче се излекувало од ретка форма на панкреатитис откако допрело една од маиците на Карло.
Во 2022 година, 21-годишна жена од Костарика преживеала тешка повреда на мозокот по молитвата на нејзината мајка на гробот на Акутис.
Канонизацијата беше првиот официјален чин на новиот папа Лео XIV и првично беше закажана за 27 април 2025 година, но беше одложена поради смртта на папата Франциско.