​СДСМ: Декласифицирајте ги документите и докажете дека не се плашите

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција ја повика владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ веднаш да ги декласифицира документите поврзани со „шпионската афера“. Според неа, власта се обидува со измислени скандали да ја дефокусира јавноста од сопствената неспособност.

​Кузеска тврди дека случајот со Агенцијата за национална безбедност (АНБ) бил подготвуван со месеци за пред избори, но „им пукнал како бомба во раката“.

​„Не чекајте ништо, не одолговлекувајте, не бегајте. Нека видат граѓаните дали бил вистински следен премиерот, кој бил следен, со кого комуницирал тој“, порача Кузеска.

​Портпаролката на СДСМ отворено постави неколку прашања до власта и премиерот Христијан Мицкоски:

  • ​Дали содржината на документите ќе ги разоткрие врските на премиерот со странски служби од непријателски држави?
  • ​Дали оперативната обработка се однесува на откривање на руски агентурни мрежи, екстремизам и финансирање на дестабилизација?
  • ​Дали е точно дека Мицкоски „влетал во комуникација со лица кои работат на дестабилизација на Македонија, финансирани со странски пари“?
  • ​Дали дел од тие пари завршиле лично кај Христијан Мицкоски или во сефовите на ВМРО-ДПМНЕ?

​На крајот, Кузеска порача дека СДСМ нема од што да се плаши, и дека власта има можност да ги декласифицира документите за еден ден, согласно закон. „Прашањето е: од што се плаши власта и Мицкоски?“, заклучи таа.