Заменик-генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, денеска ја пофали Бугарија за нејзината посветеност на Алијансата, истакнувајќи дека земјата е „постојано меѓу сојузниците кои со своите доследни акции го одржуваат и зајакнуваат единството на НАТО“.
Шекеринска, која престојува во Софија по повод вежба на НАТО, се сретна со бугарскиот премиер Росен Жељасков.
Модернизација и безбедност
Премиерот Жељасков ја информираше Шекеринска за заложбите на Бугарија во НАТО, нагласувајќи дека земјата веќе ги надминала потребните 2 отсто од БДП за трошоци за одбрана. Тој посочи дека постои политички консензус за постепено зголемување на овој процент до 5 отсто до 2035 година.
Жељасков истакна дека Бугарија спроведува повеќе проекти за модернизација, вклучувајќи набавка на:
Нови оклопни борбени возила „Страјкер“.
Два нови патролни бродови.
Почнала испораката на борбените авиони „Ф-16“.
Заменик-генералниот секретар на НАТО го пофали потенцијалот на Бугарија за развој на одбранбената индустрија и го наведе договорот со „Рајнметал“ како пример.
Коридорот VIII и регионалната стабилност
Во однос на регионалната безбедност, Жељасков ја истакна важноста на паневропскиот Коридор VIII, кој го поврзува Јадранското Море со Црното. Тој го опиша проектот како витален за економскиот раст на Западен Балкан и побара од сојузниците без одложување да ја одиграат својата улога.
Жељасков изрази загриженост за нестабилната безбедносна ситуација во Западен Балкан, наведувајќи ја политичката поларизација, меѓуетничките тензии и „малигното влијание од надворешни актери“.
Не е објавено дали на средбата се разговарало за билатералните односи меѓу Бугарија и Македонија. Шекеринска е во посета на Бугарија по повод вежбата на НАТО за управување со вонредни состојби „Бугарија 2025“.