​Крилото на АА го обвини Изет Меџити за лицемерие околу коцкарниците

Крилото на Алијансата за Албанците (АА), предводено од Арбен Таравари, јавно го прозва првиот вицепремиер, Изет Меџити, обвинувајќи го за лицемерие во врска со Законот за коцкање и обложувалници.

​Според АА, новиот закон не само што не ги затворил коцкарниците, туку го зајакнал бизнисот на „коцкарските олигарси“. Од партијата го нарекоа Меџити „кум на коцкањето“, наведувајќи дека измените на законот повторно овозможуваат онлајн коцкање од страна на приватни субјекти, исто како порано.

​„Кога беше во опозиција, Меџити вети дека ќе ги затвори сите казина и обложувалници кои уништуваат илјадници албански семејства. Денес, од владина позиција, реалноста е сосема поинаква: наместо да се изгаси овој феномен, секој ден се отвораат нови точки“, се вели во соопштението.

​АА ја повика владата веднаш да спроведе мерки за ограничување и контрола на коцкањето, порачувајќи дека граѓаните заслужуваат влада што се грижи за семејствата, а не лидери што ветуваат едно, а прават спротивното.