​СДСМ: Орце Ѓорѓиевски ги лаже скопјани со „EXIT“ фестивалот

Кандидатката за советник во Град Скопје од СДСМ, Катерина Цаневска Арсовска, го обвини кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, дека ги манипулира скопјани со лажно ветување дека фестивалот „EXIT“ ќе се пресели во Скопје.

​Според Цаневска Арсовска, Ѓорѓиевски покажува дека нема граници кога станува збор за „евтини предизборни манипулации“. Таа потсети на неговите претходни ветувања за воз по кејот на Вардар и парк во Вардариште, кои ги нарече „фантазии“.

СДСМ истакнува дека организаторите на фестивалот веднаш го демантирале Ѓорѓиевски. Според нивното соопштение, нема никаква потврда дека Скопје ќе биде фестивалска локација ниту во 2025, ниту во 2026 година.

​Цаневска Арсовска нагласи дека Ѓорѓиевски свесно ја извртува вистината и ги лаже граѓаните.

​„Кога политичар кој бара доверба од граѓаните свесно ги лаже, тоа зборува сè за него и за неговиот карактер. Лагата е првото оружје на секој кој нема визија, нема план и нема капацитет да испорача решенија“, изјави таа.

​СДСМ го повика Ѓорѓиевски веднаш да престане со лагите, нагласувајќи дека на Скопје му се потребни сериозни културни политики, а не „евтини кампањски трикови“.