Лидерот на ЕПП, Манфред Вебер, изјави дека е покрената постапка за преиспитување на членството на Српската напредна партија (СНС), чиј поранешен лидер е српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вебер нагласи дека „ЕПП не затвора очи пред тоа што се случува во Србија“ и очекува постапката да биде завршена „во следните неколку дена“. За евентуално исклучување на една партија од ЕПП потребно е одобрение од Политичкото собрание на партијата.
Најавата на Вебер доаѓа откако Вучиќ се закани со правни мерки против група политичари од редовите на европските Зелени, кои се приклучија на антивладините протести во Србија. Вучиќ ги нарече „ѓубре“ и најави дека ќе бидат гонети според српските закони.
На изјавата на Вучиќ реагираше данскиот европратеник Расмус Нордквист од редовите на Зелените, кој беше дел од протестите. Тој изјави дека „ЕПП мора отворено да признае дека има автократ во семејството“.