Српски официјални лица со силни пораки на Кајмакчалан, се читаат како „политичка мобилизација“

Изјавите на српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ и министерката Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски на комеморацијата на Кајмакчалан на 7 септември 2025 година, предизвикаа загриженост во македонската јавност.

​Гашиќ, поранешен директор на БИА, во својата изјава потенцираше дека на Кајмакчалан „е пробиен патот на слободата“ и дека оттаму започнало „враќањето во татковината“ на српската војска, нарекувајќи го местото „Капија на слободата“.

​Истовремено, министерката Ѓурѓевиќ Стаменковски, под слоганот „Знамето на единството“, повика „пораката да се слушне од Кајмакчалан: Србија живее, трае и ќе трае додека постои единството на нашиот народ“.

​Поранешниот македонски амбасадор Благој Зашов за „Рацин.мк“ изјави дека ваквите пораки испраќаат несоодветни сигнали кон македонската јавност. „Србија не треба да бара ‘српски свет’ во Македонија“, рече Зашов.

​Додека комеморациите за Првата светска војна на Солунскиот фронт традиционално привлекуваат делегации од повеќе држави, пораките од Белград за „единство каде и да живее српскиот народ“ во Скопје се толкуваат како преминување од сеќавање кон политичка мобилизација.

​Зашов апелира македонското МНР да реагира смирено, но јасно, за да се избегнат дополнителни тензии.