Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за време на работната посета на Париз, оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, со цел да ги промовира реформската агенда на партијата и предлог-резолуцијата за деблокирање на евроинтеграцискиот процес.
Филипче се состана со:
- Лилиана Танги, пратеничка и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија
- Жозеф Жустиниани, шеф на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана
- Брис Рокфеј, директор за Континентална Европа во Министерството за Европа и надворешни работи
- Рене Троказ, специјален претставник за Балканот
На состаноците, француските претставници ја истакнаа својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија, но нагласија дека се потребни брзи резултати и напредок во реформите. Тие пренесоа очекувања дека Македонија треба да го забрза процесот, следејќи ги примерите на Албанија и Црна Гора.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ, нагласувајќи дека партијата има проактивен пристап и работи на конкретни решенија. Тој соопшти дека е во завршна фаза подготовката на Резолуцијата, која ќе ги потврди националните „црвени линии“ како што се македонскиот јазик, култура и идентитет.
Резолуцијата, според него, ќе обезбеди и механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија кои излегуваат од Преговарачката рамка.
Филипче истакна дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека Македонија мора да ја искористи оваа можност. Целта на посетата беше да се зајакне поддршката за Македонија и да се промовира Резолуцијата како „вин-вин решение за државата и граѓаните“.