​Министерството за здравство ги истражува наводите на д-р Кедев за непотребни кардиохируршки операции

Министерството за здравство соопшти дека нема нови случаи наводно пријавени од кардиологот Сашко Кедев за непотребни кардиохируршки операции во приватни болници. Осумте случаи кои беа претходно доставени од лекари од државните клиники за кардиологија и кардиохирургија се единствените кои ќе бидат предмет на анализа.

​Интерната комисија, формирана од Министерството за здравство, веќе започна со проверките. Од Министерството велат дека се работи на административно финализирање на составот на комисијата од странски експерти, која ќе треба да го донесе финалниот извештај. Имињата на експертите сè уште не се познати.

​„Процесот ќе биде максимално транспарентен. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат во најскоро време доставени до стручната комисија составена од странски експерти, а извештајот од интерната комисија ќе биде објавен на веб страницата на Министерство за здравство“, се вели во соопштението.

​Во меѓувреме, и Лекарската комора најави дека ќе формира сопствена комисија за стручен надзор, откако ќе ги добие документите од Министерството за здравство. Комисијата ќе биде составена од најмалку тројца лекари, кои нема да бидат вработени во институциите каде што ќе се вршат надзорите.

​Од Лекарската комора нагласуваат дека наводите за непотребни операции на срце се тешки и сериозни обвинувања и дека мора да бидат истражени во целост.