​Советот за безбедност на ОН свикува итен состанок за нападот во Катар

Советот за безбедност на ОН денеска треба да одржи итен состанок за да разговара за израелскиот напад врз раководството на Хамас во Катар, јавува ДПА. Седницата била побарана од Алжир и други земји-членки на Советот.

​Во вчерашниот напад во Доха загинаа шест лица, меѓу кои и синот на Калил ал-Хаја, највлијателната фигура на Хамас во странство, како и неговиот шеф на кабинет.

​Катар го осуди нападот како „очигледно кршење на сите меѓународни закони и норми“ и како „сериозна закана за безбедноста“ на неговото население.

​Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападот е одговор на смртоносниот напад на Хамас во Ерусалим во понеделникот, во кој беа убиени шест лица, како и на нападот врз израелски војници во Газа.

​Арапските држави остро го осудија нападот, а со критики се огласија и американскиот претседател Доналд Трамп и германскиот канцелар Фридрих Мерц.

​Катар, заедно со Египет и САД, е клучен посредник во преговорите меѓу Израел и Хамас, иако тие се во застој со месеци.