​Зеленортските острови на чекор до историски пласман на Светско првенство

Зеленортските острови (Капе Верде) го победија Камерун со 1:0 и се искачија на челната позиција во групата Д од квалификациите за Светското првенство. Со овој триумф, малата островска земја е на само една победа од историскиот прв пласман на најголемата фудбалска смотра.

​Херој на натпреварот беше Даилон Роча Ливраменто, напаѓачот на португалскиот клуб Каса Пиа, кој го постигна единствениот гол во 54. минута.

​По осум одиграни кола, Зеленортските острови имаат 19 поени, четири повеќе од второпласираниот Камерун и пет повеќе од третопласираната Либија. За да го потврдат својот пласман, им е потребна само уште една победа во последните две кола, кои ги играат против Либија и Есватини.

​Доколку се пласираат на Светското првенство во САД, Мексико и Канада, Зеленортските острови ќе станат втората најмала земја која некогаш учествувала на Мундијал. Оваа држава има околу 587.000 жители. Рекордот за најмала земја учесник на СП го држи Исланд, кој на Светското првенство во 2018 година имаше 335.000 жители.