Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска во Стразбур присуствуваше на свечен настан по повод одбележувањето на 34 години од македонската независност и 30 години членство во Советот на Европа.
Во своето обраќање, Муцунски потсети на значењето на 8 септември 1991 година, кога македонските граѓани „во еден глас се изјаснија на референдумот, определувајќи се за независна и суверена држава“.
Муцунски истакна дека Северна Македонија денес е препознатлив и ценет актер на меѓународната сцена.
Како членка на Обединетите Нации, Советот на Европа и НАТО, активно придонесува за глобалниот мир и безбедност.
Земјата продолжува со борбата против организираниот криминал, трговијата со луѓе и шверцот на дрога, области во кои, како што рече, нејзиниот придонес е препознаен и ценет.
Министерот го потенцираше значењето на Советот на Европа, кој бил и останува витален партнер во поддршката на демократскиот развој и правните реформи во земјата. Тој изрази гордост за „длабоката, динамична и продуктивна соработка“.
Муцунски се осврна и на европската перспектива, нагласувајќи дека патот кон полноправно членство во Европската Унија продолжува со решителност и надеж.
„Ние не сме само млада европска демократија – ние сме народ со богата историја, силен дух и јасна визија за иднината,“ заклучи Муцунски.