Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, избегна да даде конкретен одговор на новинарските прашања за декласификација на документите на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), но истакна дека целта на надзорот е да се утврди што точно се случувало во агенцијата.
Според Пренџов, важно е да се види кој и колку бил „таргет“ и кои мерки биле користени против ВМРО-ДПМНЕ додека била во опозиција.
„Да видиме што е испратено до Обвинителството на Република Македонија и конечно овие институции да ги решат овие работи за повеќе никогаш да не ни се случуваат во рамки на македонското општество“, рече Пренџов.
На прашањето зошто Комисијата не побарала надворешни експерти за увидот, тој појасни дека во Собранието постои и друга Комисија за надзор на комуникациите, која, доколку е потребно, може да се вклучи во процесот.
„Надзорот на никого не му штети, надзорот е добар, тоа е здраво за демократијата, бидејќи секој од нас кој е јавна личност… е должен да биде транспарентен и да работи согласно законот“, заклучи пратеникот.