Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и тројца онколози обвинети за несовесно лекување пациенти.
Мајката на починатата Адријана Начевска, Јулија Мациевска, сведочеше за голготата што ја поминала нејзината ќерка за време на лекувањето. Таа раскажа дека на Адријана ѝ била правена само крвна слика, но никогаш не ѝ била измерена телесната тежина, што, како што рече, сега дознала дека било задолжително.
Мациевска истакна дека здравствената состојба на нејзината ќерка се влошила откако почнала да прима имунотерапии. И покрај нејзините реакции, Васев продолжил со терапијата, тврдејќи дека е „превентивна и најприродна“.
„Кога првпат отидовме на Гастро, докторот таму ми вика ‘дали вие знаете каква е состојбата на вашето дете, таа не е добро, црниот дроб е оштетен и има вештачки метастази од неадекватна терапија’“, сведочеше Мациевска.
Мациевска ја нагласи довербата што ја имале во Васев на почетокот, но истакна дека со текот на времето тој одбегнувал да одговара на сериозни прашања.
„Таа не умре од канцер на дојка, туку ја убија со тие хемии. Мене пари не ми требаат, јас го изгубив моето дете, ќе бараме материјална отштета и ќе ја донирам. Се приклучувам и кон кривичниот прогон, затоа што знаел што прави, но некаде по пат ја изгубил човечноста“, изјави таа.
Обвинението ги товари Васев и неговите колеги, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и за несовесно лекување на 29 пациенти. Сите тие негираа вина на минатото рочиште, додека второобвинетата Мери Пешевска призна вина.
Васев изрази сомнеж во веродостојноста на вештите лица во постапката и најави дека неговата одбрана ќе ги побие доказите на Обвинителството.
Покрај овој случај, против Васев е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера на над 2,2 милијарди денари, за што судењето треба да започне в петок.