​Интервју со Петра Лукароска: Прилеп 2030 – град кој мотивира и инспирира

​Во пресрет на локалните избори, разговаравме со кандидатката за градоначалник на Прилеп од СДСМ, Петра Лукароска. Наместо да се задржуваме на вообичаените политички теми, го ставивме фокусот на нејзината визија за иднината на градот, личниот развој и конкретните решенија за најголемите предизвици. Во ексклузивно интервју за Револуционер , Лукароска зборува за својата најголема гордост надвор од политиката, зошто младите се нејзин главен приоритет и што ја плаши, а што ја мотивира во улогата на потенцијален градоначалник.

Разговараше: Виктор Азманоски


Азманоски: Како би ја опишале вашата визија за Прилеп во 2030 година, не само од аспект на инфраструктурата, туку и од аспект на социјалниот живот, културата и младите?

​Лукароска: Прилеп во 2030 година: Град кој е пример за современа, хумана и инклузивна локална заедница, со чист воздух, модерна инфраструктура, безбедни улици и населби, функционален јавен превоз. Град во кој младите остануваат да живеат и во кој имаат простор за креативност и работа. Град во кој граѓаните активно учествуваат во креирање на локалните политики. Прилеп во 2030 година – град исполнет со живот, град кој мотивира и инспирира.

Азманоски: Поради што се чувствувате најгорда во вашата досегашна кариера, надвор од политиката?

​Лукароска: Најмногу на тоа што секогаш сум успеала да останам со чист образ и максимално посветена на луѓето со кои сум работела, со кои приватно или професионално сум се дружела. Моите најголеми успеси не се мерени со титули или функции, туку со изградена доверба. Верувам дека секој професионален успех има вредност само ако е изграден врз интегритет и човечност.

Азманоски: Ако имавте неограничен буџет за еден единствен проект во Прилеп, кој проект би го избрале и зошто?

​Лукароска: Без дилема – изградба на современ Младински културен центар со спортски сали и простор за едукација, за дружење на младите, за развој на културата, уметноста… Зошто? Затоа што младите се иднината на Прилеп и ако сакаме тука да останат, тогаш мора да им дадеме шанса, да им овозможиме услови да го покажат сето свое знаење и инвентивност.

Азманоски: Која е најголемата критика што сте ја добиле во вашата кариера и како таа ве променила како личност и како политичарка?

​Лукароска: Најмногу ми замерувале на, понекогаш, преголемата упорност и тврдоглавост во намерата да ги реализирам зацртаните цели. Со тек на време научив дека упорноста е добра карактерна особина, но вистинскиот успех доаѓа кога ќе научиш повеќе да слушаш, да ги имаш предвид различните мислења и од сето тоа да го земеш најдоброто и да го вкалкулираш во конечното решение. Кое само така може да биде и најдоброто решение.

Азманоски: Кои конкретни чекори би ги презеле за да ги задржите младите во Прилеп и да ги поттикнете да ги градат своите кариери и семејства токму тука?

​Лукароска: Веќе го спомнав Младинскиот културен центар, како еден од клучните проекти во интерес на младите. Но, се разбира, тоа не е сѐ што може и што треба да се направи во интерес на младите. Кога го велам тоа, мислам на воведување локални програми за поддршка на млади претприемачи, отворање нови културни и спортски содржини, како и обезбедување конкретни мерки за помош на младите брачни парови – зголемување на финансиската помош за секое новороденче, помош за децата во детските градинки, за првачињата. Накратко, како кандидатка за градоначалник, младите се во фокусот на мојот интерес.

Азманоски: Како планирате да ја зголемите транспарентноста и вклученоста на граѓаните во донесувањето на одлуки на локално ниво?

​Лукароска: Првенствено со воспоставување дигитална платформа преку која граѓаните ќе можат да следат како се трошат буџетските средства, но и да даваат предлози и идеи кои се од интерес на локалната заедница. Воведување редовни „отворени денови“ во кои граѓаните ќе можат да остварат директна средба со градоначалникот и раководителите на секторите во локалната самоуправа, како и со директорите на јавните претпријатија. Исто така, дел од буџетот ќе биде „граѓански буџет“ каде граѓаните преку урбаните и месните заедници ќе гласаат за проектите за кои сметаат дека се од приоритетно значење.

Азманоски: Што е она што најмногу ве плаши во улогата на градоначалник и што е она што најмногу ве мотивира?

​Лукароска: Најмногу ме плаши помислата дека можеби нема да успееме доволно брзо да ги решиме сите наталожени проблеми. Бидејќи во изминатите 4 години актуелната локална власт има катастрофални резултати, односно „нула“ реализација на ветените проекти, па од тие причини граѓаните очекуваат брзи резултати. Но токму таа одговорност и притисокот час поскоро работите да се придвижат од мртва точка, се и мојот најголем мотив да покажам дека со посветена работа, со стручен тим и добра организација, жителите на Прилеп и населените места можат да очекуваат и повеќе и подобро.