Ивана Лескароски, храбрата мајка и сопруга од Охрид, отворено зборува за своите животни битки и за тоа како успеала да излезе посилна од сите искушенија. Нејзината приказна не е само за болка, туку и за безусловна љубов, нескршлив дух и вистинско херојство во свет кој честопати се мери со лажни стандарди. Во ова интервју, ѝ поставуваме прашања кои ќе ни помогнат да ја запознаеме вистинската Ивана – жената која плаче, се крши и повторно се крева.
Разговараше: Виктор Азманоски
Азманоски: Ивана, како би ја опишале вашата „нова нормала“?
Лескароски: Мојата нова нормала е живот во кој тагата и радоста одат заедно. Научив да живеам со болка која никогаш не исчезнува, но и да бидам благодарна за моментите на среќа. Таа комбинација ме направи посилна личност, која денес повеќе од било кога ја разбира вредноста на времето и на луѓето, во ова “време невреме”.

Азманоски: Која е најважната лекција што ја научивте од улогата на мајка?
Лескароски: Најважната лекција што ја научив како мајка е безусловната љубов – дека вистинската љубов не познава граници, болка или страв. Таа љубов е мојата најголема сила. Никогаш не сум замислувала дека моето мајчинство ќе има толку многу болка, но токму тоа ме направи непобедлива и мислам дека силата што духовно ја носам како мајка може да помести планини.
Азманоски: Што е најголемата заблуда што луѓето ја имаат за вашата приказна?
Лескароски: Многумина мислат дека со текот на времето болката поминува, но тоа е најголемата заблуда. Болката никогаш не исчезнува, само учиш да живееш со неа и да ја претвориш во сила. За мене нема поголема заблуда од тоа дека времето лечи сè. Исто така, луѓето мислат дека сум „преголема хероина“ која никогаш не паѓа. Во вистината, јас сум човек што плаче, се крши и повторно се крева. Мојата сила не е затоа што не сум почувствувала болка, туку затоа што научив да продолжам и покрај неа.

Азманоски: Која е најголемата лекција што ја научивте за себеси како жена и мајка, а која ве направи посилна?
Лескароски: Најголемата лекција што ја научив е дека во најтешките моменти откриваш колку навистина си силна. Жената и мајката во мене ме научија дека не постојат граници кога се бори за љубовта и за своите деца.
Азманоски: Дали постои момент во вашето лично патување што би сакале да го споделите, а досега не сте имале храброст или можност да го направите?
Лескароски: Од првиот момент кога одлучив за сè да зборувам јавно, бев повеќе од искрена и без предрасуди зборував за најтешките искушенија. Мислам дека ништо немам пропуштено освен тоа дека последно време најсреќна сум кога сум сама, во мир и тишина. Искрено сум разочарана од празните муабети и луѓето кои не размислуваат на постапките, свесно те повредуваат и секогаш изговорот е ист: „Ивана е силна, може сè“.
Азманоски: Многумина ве нарекуваат херој на новото време поради начинот на кој се справувате со животните предизвици. Што за вас значи да се биде херој во денешно време, кога животот се мери со успеси на социјалните мрежи, а не со вистинска храброст?
Лескароски: За мене, херој не е оној што изгледа совршено на социјалните мрежи, туку оној што секое утро станува со болка во душата, а пак избира да живее. Херој е мајката што плаче ноќе, а наутро се насмевнува за своето дете. Херој е оној што ја носи загубата како тивка рана, но не дозволува таа да му ја украде љубовта и добрината. За мене, херојството е да останеш човек – и покрај неправдите, и покрај болката, и покрај тоа што животот те скршил. Тоа не се гледа на екранот, тоа се гледа во срцето. Факт е дека социјалните мрежи ни дадоа шанса да бидеме поттик на многу луѓе кои немаат доволно храброст и поддршка да прозборат. Пред 11 години кога почнав првпат јавно да зборувам за сè, мојата „порта“ до ова што го споделувам денес беше Миа Костова и една од главните причини што јас прозборев е таа и нејзината реченица кога првпат ме виде: „Ти го можеш ова“. Од тој ден па сè до денес „Морам, можам, сакам и ќе успеам“ ми е мото кое ме води. Ми значи кога ќе добијам порака и ќе прочитам дека јас сум поттик на многу мајки, жени, деца па дури и мажи, тоа е за мене победа, мојата цел со тие пораки е постигната. А некој кога ќе се дрзне да напише од лажен профил дека преку моето дете стекнувам популарност, тоа е толку смешно и бесчувствително зашто токму тоа дете покажува како се сака животот и како се бори до последен здив.

Азманоски: Што би им порачале на оние кои се плашат да почнат одново, без разлика на причината?
Лескароски: На оние што се плашат да почнат одново би им рекла: стравот е нормален, болката е нормална, но да останеш таму каде што се чувствуваш скршено е уште потешко. Одново не значи дека ќе биде лесно, ниту дека ќе знаеш што следува. Но, тоа значи дека имаш храброст да пуштиш нешто што веќе не ти служи, да оставиш зад себе што те повредува и да пробаш повторно. Во тие тешки чекори се раѓа вистинската сила, се открива твојата смелост и се наоѓа нова надеж. Почнувај одново, дури кога не гледаш светлина пред себе. Затоа што токму тогаш откриваш дека можеш повеќе отколку што мислеше и дека твојот живот сè уште има многу убави моменти што чекаат да бидат создадени. Сите сме гости на овој свет, многу пати сум сакала жива во земја да влезам но секогаш како Феникс се издигам од пепелта. Сè што е од Бога достоинствено ќе пречекаме и испратиме, но никогаш, ама баш никогаш, не треба да се откажеме од себе.
Повик од Ивана Лескароска: Поддржете ги ретките!
На 20-ти и 21-ви септември во Струга ќе се одржи трка за деца и возрасни, чија цел е поддршка и подигнување на свеста за децата со ретки болести. Ги повикуваме сите да учествувате, а воедно ги поттикнуваме родителите да бидат гласни на оваа тема, да немаат предрасуди и да знаат дека колку повеќе зборуваме, толку повеќе добиваме. Ретките се ретки во секоја смисла на зборот.
Порака од Ивана до читателите на „Револуционер“:
„Никогаш не дозволувајте стравот или загубата да ви ја одземат храброста. Вие сте посилни отколку што мислите. Почнувајте одново, па дури и тогаш кога не ја гледате светлината. Секој ваш чекор е победа, секоја ваша насмевка е храброст, и секој нов ден е доказ дека животот секогаш може да биде подобар. Бидете херои во сопствената приказна, тоа никој не може да ви го одземе. Вашиот живот е само ваш, сакајте се себе за да ве сакаат другите, и никогаш не заборавајте: ‘Можам јас, можете и вие’!“