Најдобриот словенечки кошаркар, Лука Дончиќ, изјави дека е горд на својот тим и покрај поразот од Германија со 99:91 во натпревар во кој Словенија водеше во поголемиот дел од времето. Дончиќ го заврши мечот со импресивна статистика: 39 поени, 10 скока и седум асистенции.
По натпреварот, тој одби директно да ги коментира судиите, но нагласи дека судењето влијаело врз неговата игра. Дончиќ уште на почетокот доби техничка грешка, а потоа уште една лична грешка во првите три минути. Во третиот период ја заработи и својата четврта лична грешка, што значително ја ограничи неговата продуктивност.
„Не сакам да зборувам за судиите. Навистина не сакам. Но, четири фаули на почетокот на третата четвртина, нешто такво никогаш не ми се случило во животот“, изјави Дончиќ.
На прашањето за неговата повреда, тој одговори: „Не кревајте паника. Ќе имам неколку дена за одмор, па потоа започнува новата сезона.“