Увид во Избирачкиот список до полноќ, кандидатските листи до 13 септември

​Јавниот увид во Избирачкиот список за Локалните избори 2025 година завршува на полноќ. Граѓаните имаат уште неколку часа да ги проверат своите податоци во подрачните единици и канцеларии на ДИК или електронски, преку официјалната веб-страница на Државната изборна комисија (ДИК).

​Дополнително, на полноќ на 13 септември, истекува и крајниот рок за поднесување на листите со кандидати за градоначалници и советници до општинските изборни комисии (ОИК).

​Според информациите од ДИК, заклучно со 9 септември, вкупно 5.729 граѓани извршиле проверка на своите податоци. Од нив, 3.397 се мажи и 2.332 се жени.

​ДИК информира дека:

  • ​Осум лица побарале запишување во Избирачкиот список.
  • ​136 лица побарале бришење, од кои 134 поради смрт и две поради отпуст од државјанство.
  • ​59 лица побарале промена на податоците, најчесто поради промена на презиме или адреса.

​Барањата за промена на податоците во Избирачкиот список може да се достават до ДИК преку електронската адреса upisis@sec.mk, со приложување на потребните докази. ДИК е обврзана да одлучи по барањата во рок од 24 часа. Доколку барањето биде одбиено, граѓанинот има право да поднесе жалба до Управниот суд во рок од 24 часа.

​До 11 септември: Политичките партии ги доставуваат барањата за Избирачкиот список до ДИК.

  • ​До 26 септември: ДИК го заклучува Избирачкиот список.
  • ​До 3 октомври: ДИК го потпишува финализираниот Избирачки список, односно изводите за гласање.
  • ​19 октомври: Локални избори во 80 општини и Град Скопје, на вкупно 3.480 избирачки места.
  • ​29 септември: Започнува изборната кампања.