Членовите на собраниската Комисија за надзор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) денеска треба да извршат надзорна посета на Агенцијата за разузнавање. Ова доаѓа по вчерашната посета на АНБ, која беше иницирана поради наводите за масовно прислушување на новинари, бизнисмени и политичари.
Во јавноста се појавија информации дека во периодот од 2019 до 2024 година биле прислушувани голем број лица, вклучувајќи го и тогашниот лидер на опозицијата и сегашен премиер, Христијан Мицкоски. Власта бара одговорност за случајот, додека опозицијата инсистира на декласификација на документите.
Премиерот Мицкоски вчера изјави дека е неопходно да се запре прислушувањето и дека виновниците мора да одговараат. „Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок“, рече Мицкоски и нагласи дека се работи за структура и луѓе кои оперираат со системот уште од 90-тите години. Тој додаде дека и самиот е сведок, бидејќи имал увид во материјалите од неговото следење.
Од опозициската СДСМ, пак, бараат декласификација на документацијата. Лидерот на партијата, Венко Филипче, истакна дека одговорноста е на самата АНБ и нејзиниот директор. „Ние бараме да се декласифицираат, да видиме кои луѓе биле пратени, кои групации и зошто, да видиме дали имало прекршување од било кој – ако треба некој да понесе одговорност“, изјави Филипче за „Слободен печат“.
Во меѓувреме, директорот на АНБ, Бојан Христовски, потврди дека целата документација е предадена на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кое веќе започна предистражна постапка. На 5 септември, тим од обвинители бил во АНБ за да се договори динамиката за увид во документацијата.