​Шабан Салиу од ДСР ја објави кандидатурата за градоначалник на Шуто Оризари

​Претседателот на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу, синоќа ја промовираше својата кандидатура за градоначалник на општина Шуто Оризари.

​Во својот говор пред жителите, Салиу изрази гордост што Шуто Оризари е единствената општина во светот водена од ромската заедница. „Денес заеднички носиме одлука за нашата иднина, за чесно и одговорно управување со нашата општина“, порача тој.

​Салиу најави дека негов главен приоритет ќе биде подобрување на инфраструктурата. Во својата програма, тој вети асфалтирани улици, проширување на водоводната и канализациската мрежа, поставување ЛЕД осветлување и изградба на безбедни пешачки патеки. Покрај ова, најави и изградба на нови социјални станови за семејствата на кои им е потребен дом.

​Посебен акцент стави на образованието и културата, најавувајќи изградба на модерно основно училиште, поддршка на културните институции и создавање услови за младите да ја негуваат ромската традиција, а да стекнуваат современи знаења.

​Салиу исто така најави и формирање на мобилен здравствен тим, целосна обнова на амбулантата, изградба на дом за постари лица и формирање на Фонд за поддршка на ранливите семејства.