Мултимедијалниот уметник Киро Урдин е автор на плакатот за 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Урдин истакнува дека фестивалот сакал да му даде уметнички аспект на визуелното решение.
„Разговаравме со одговорните луѓе од ИФФК ‘Браќа Манаки’ кои ми посочија дека имаат намера оваа година да му дадат еден уметнички аспект на визуелното решение за најновото издание. Во договор со фестивалските челници, имавме две-три опции, се одлучија за ова дело. Станува збор за слика која половина е апстрактна, а половина е лик на една дама. Бојата е повеќе во сино, но сметам дека бојата не значи ништо. Имам напишано еден афоризам ‘Уметноста е во нијансите, боите се униформа’“, раскажува Урдин.
Урдин истакнува дека во неговото творештво секоја слика е различна, бидејќи верува дека „повторувањето е знак на немоќ“. Тој смета дека креативноста е основен постулат на уметноста и дека секогаш треба да се создава нешто ново. „Уметноста некогаш е успешна, некогаш е просечна, а некогаш е неуспешна, но зависи и од тоа кој е уметникот и кој е гледачот“, вели Урдин.
Тој направи паралела помеѓу браќата Манаки и браќата Лумиер, велејќи дека и двете двојки „отвориле нови видици“ за кинематографијата. Урдин изрази задоволство што бројни добитници на Оскар се и добитници на наградата „Златна камера 300“, што ја потврдува репутацијата на фестивалот.
Киро Урдин, роден во Струмица во 1945 година, е сликар, новинар и автор. Неговото мултимедијално дело „Планетариум“ е едно од најзначајните во современа Европа. Сликата со површина од 48 квадратни метри е откупена и поставена во Холандија, а проектот се смета за прв во уметничкиот правец мондијализам.
За „Планетариум“ е снимен филм кој бил прикажан на познатиот фестивал во Монте Карло, а од него е инспириран и балет кој бил прикажан на „Охридско лето“, во Торонто, Чикаго, Анкара и Женева. За неговите изложби е пишувано во над 600 весници низ целиот свет.