​МНТ со претставата „Жива досада“ на Театарскиот фестивал за деца „Малиот принц“ во Штип

Македонскиот народен театар (МНТ) денеска, на 11 септември, ќе гостува на 13. Театарски фестивал за деца „Малиот принц“ во Штип со претставата „Жива досада“. Гостувањето е во организација на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, кој традиционално ги обединува најзначајните детски театарски продукции од регионот.

​Претставата е наменета за деца над пет години и на иновативен начин ја обработува темата на досадата, која често се игнорира. „Жива досада“ е авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, а во режија на Јовановска.

​Преку духовита и интерактивна форма, претставата ги охрабрува децата да ја искористат досадата како можност за креативност, игра и самоистражување. Актерката и авторка Изабела Јакимова истакнува дека досадата не е непријател, туку „креативен простор“ кој им овозможува на децата да се поврзат со себеси и со светот околу нив.

​Со оваа претстава, МНТ испраќа важна порака и до родителите – да не го преоптоваруваат секој момент од животот на детето со активности, туку да им остават простор за самостоен развој. Во претставата настапуваат Гоце Андонов, Нина Деан, Изабела Јакимова, Јана Вељановска и Билјана Јовановска.