​Лидерот на „Концепт“ повикува на насилство, независниот кандидат за градоначалник на Струга, Милески остро реагира

Контроверзниот лидер на малата десничарска партија „Концепт“, Петар Богојески, кој неодамна стана коалициски партнер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, преку својот Фејсбук профил повика на насилство, користејќи говор на омраза. Како реакција на атентатот врз американскиот активист Чарли Кирк, Богојески повика да се „столчела гнасната левичарска рака низ целиот свет особено во САД и Македонија“.

​Оваа изјава предизвика остра реакција кај Роберт Милески, независен кандидат за градоначалник на Струга, кој себеси се дефинира како десничар, но е згрозен од повикот за насилство.

​„Страшно! Морничаво! Да користиш нечија смрт за да повикаш на општо насилство кон левичари! Ужас! Дали навистина ние Македонците спаднавме на ова ниво? Како тоа ќе толчиме Македонци!? Ќе ги убиваме нашите роднини, пријатели, другари, само заради политичка инклинација? Ужас!“, напиша Милески.

​Тој јавно го праша премиерот Христијан Мицкоски дали е свесен со кого соработува. Милески, исто така, потсети дека историското ВМРО го предводеле левичари како Гоце Делчев и нагласи дека „да повикуваш на братоубиствена војна треба да си посебен вид на социо и психопат!“.

​Милески исто така посочи на контроверзното минато на Богојески, кој кратко време беше директор на агенцијата ЕРАЗМУС, но, според медиумски извештаи, Брисел побарал негово отстранување од функцијата како услов за да не се суспендира поддршката за Македонија. Богојески подоцна бил назначен за наставник на Воената академија во Скопје.