Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими јапонската амбасадорка во Северна Македонија, Сецуко Кавахара, која ѝ ја предаде честитката од јапонскиот император Нарухито по повод 8 Септември, Денот на независноста.
Сиљановска-Давкова се заблагодари за честитките, истакнувајќи дека тие се израз на трајното пријателство и заемното почитување меѓу двете земји.
За време на средбата, амбасадорката Кавахара информираше за успешното учество на Македонија на Осака ЕКСПО 2025, изразувајќи восхит од културно-уметничката програма со која земјата се претстави пред јапонската јавност. Соговорничките се согласија дека настапите на оперските уметници Ана и Игор Дурловски, џез-гитаристот Владимир Василевски – Четкар, како и Кирил Џајковски и неговиот бенд, автентично ги претставија македонската култура, традиција и модерна уметност.
Двете страни се согласија дека одличната посетеност на македонскиот павилјон на ЕКСПО 2025 е доказ за потенцијалот на земјата како туристичка дестинација.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство од вниманието што го привлекла изложбата посветена на јапонскиот архитект Кензо Танге и неговиот план за обнова на Скопје по земјотресот од 1963 година. Таа, исто така, го поздрави интересот на јапонските ученици кои го изучуваат македонскиот јазик и го посетија павилјонот.
Претседателката се заблагодари за поддршката и донациите од Јапонија и изрази подготвеност за натамошно градење на пријателските врски. На крајот, соговорничките се согласија дека е потребна итна реформа на Обединетите нации за да се зајакне мултилатерализмот во справувањето со глобалните предизвици.