​Мицкоски го брани Фетаи: Македонскиот јазик му е проблем бидејќи се иселил на 6 години

Премиерот Христијан Мицкоски го оправда потпретседателот на Владата, Арбен Фетаи, кој на новинарско прашање на македонски јазик одговори дека не е спремен да зборува македонски, и продолжи да одговара на албански јазик. Мицкоски објасни дека Фетаи сѐ уште го учи македонскиот јазик, бидејќи на шестгодишна возраст се иселил од земјата и живеел во Белгија.

​„Јас имам исклучително квалитетна комуникација со потпретседателот на Владата на англиски јазик. Зошто? Затоа што тој од својата шеста година е иселен од Македонија и живее во Белгија и говори течно четири јазици – француски, холандски, англиски…“, рече Мицкоски.

​Премиерот истакна дека Фетаи имал врвно образование и дека неговата намера не била да ја дефокусира јавноста, туку дека навистина вложува голем труд за да го научи македонскиот јазик.

​Мицкоски се извини за постапката на Фетаи, но рече дека единствената грешка била тоа што вицепремиерот не обезбедил преведувач. „Единствената, според мене, грешка во случајот е ако некој одлучи да се обраќа на албански јазик, да си донесе со себе преведувач“, објасни тој.

​Иако опозицискиот СДСМ побара разрешување на Фетаи поради непочитување на македонскиот јазик, премиерот Мицкоски не спомена таква можност.